Словенечкото претседателство со ЕУ очекува преговори со Скопје и Тирана

Словенечкиот премиер Јанез Јанша

Словенечкиот премиер Јанез Јанша и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Љубљана на официјалниот старт на словенечкото претседавање со ЕУ потврдија дека се работи на формален старт на преговори со Северна Македонија и Албанија во наредните шест месеци.

Јанша порача дека проширувањето е стратешка цел на ЕУ и дека очекува дилемите да се решат и да се постигне согласност помеѓу 27-те земји членки на ЕУ за време на претседавањето на неговата земја. Претседателката фон дер Лајен од своја страна потврди дека ќе се вложат напори од страна на Европската Комисија за постигнување на таквата цел.

„Посветени сме да оствариме напредок во процесот на проширување преку формално отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, и го поздравувам организирањето на самитот со западен Балкан“, изјави таа.

Самитот за Западен Балкан треба да се одржи во Словенија на 6 октомври.

Сите македонски датуми за ЕУ

Бугарија ја блокираше македонската европската интеграција лани со забелешки дека не се исполнува Договорот за пријателство кој беше потпишан во 2017 година. Бугарските забелешки главно се поврзани со историски прашања. Истата позиција официјална Софија ја задржа и на самитот на ЕУ во јуни годинава кога рече дека нема помрднување од позицијата дека не се исполнети условите во преговарачката рамка за да се одржи меѓувладината седница со која би почнале преговорите.