Филипче: Прашање на време е кога индискиот сој ќе стане доминантен во Европа

Министерот за здравство, Венко Филипче

Mинистерот за здравство Венко Филипче денеска порача дека прашање на време е кога индискиот сој на коронавирусот ќе стане доминантен во Европа. Според него, затоа е важно што поголем број граѓани да се вакцинираат во овој период на стабилна епидемиолошка состојба. Тој истакнува дека само масовна вакцинација е единствениот начин да се победи пандемијата.

„Вакцини има во доволна количина и сите се безбедни и ефикасни. Последните информации кои пристигнуваат од Европската агенција за лекови се дека вакцините се ефикасни и за новите соеви што ни влева многу надеж. Само заеднички може да се заштитиме и да амортизираме евентуален нов бран наесен“, напиша Филипче на неговиот фејсбук профил.

Здравствените власти денеска соопштија дека се регистрирани 5 нови случаи позитивни на корона вирусот од направени 2.531 тестирања. Починат е еден пациент, а оздравени се 86.