Логар: Словенија сака брз старт на процесот на проширување на ЕУ

Словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар

Шефот на словенечката дипломатија Анже Логар, чија држава од денеска го почнува претседавањето со ЕУ преку видео порака се обрати на „Преспа форум дијалогот“ и порача дека проширувањето на ЕУ со балканските држави останува приоритет.

„Проширувањето не е техничко, туку клучно, врвно геостратешко прашање, прашање што бара внимание, амбиција и политичка волја на сите чинители за остварување на заедничките цели – цврста и силна Европа. Словенија сака брз старт на процесот на проширување. Ако Европа сака да биде целосна и слободна, тогаш земјите од регионот мора да бидат ислушани со инклузивен пристап. Отсуството стратешки решенија за регионот го остава авионот без пилот, остава простор за други геостратешки играчи да го остварат своето влијание, рече Логар на панелот на министрите за надворешни работи насловен како „Градење на доверба преку дијалог “.

Тој порача дека во сржта на словенечкото претседателство со ЕУ се и безбедноста и мирот и додаде дека сето ова мора да се дискутира на највисоко ниво. Додаде дека во таа насока го организираат и Самит ЕУ-Западен Балкан, бидејќи успехот на регионот зависи од сите актери кои се вклучени во процесот.

Олта Џачка, министерката за Европа и надворешни работи на Албанија од своја страна посочи дека и покрај проблемите, на Западен Балкан се уште постои позитивен импулс за демонстрација на подготвеност за соработка во насока на унапредување и подобрување на севкупните состојби во регионот.

„Интеграцијата во ЕУ беше клучна за трансформацијата на Западен Балкан. ЕУ очигледно нема стратешки пристап да го направи остварлив тој европски сон. Што би направиле како земји заглавени во овој миг и разочарани од актуелната ситуација, во насока на привлекување на вниманието на ЕУ. Унијата веќе разбира дека се нанесени штети во нејзиниот кредибилитет“, рече меѓу другото Џачка.

Преспа форумот за дијалог е организиран од Владата на Северна Македонија и на него присуствуваа лидери од земјата и од регионот, но и претставници на бројни земји и организиции. Првата меѓународна конференција денеска се одржува во Охрид, а ќе биде продолжена утре во Отешево. На настанот учествуваат околу 300 гости и ќе се обратат на повеќе панел дискусии, а меѓу нив се официјални лица и поранешни претставници на НАТО, администрацијата на САД, ЕУ и претставници на невладини организации.