Хрватска донира 310.000 вакцини за земјите од регионот

Босна и Херцеговина: Повозрасни граѓани чекаат за вакцинација пред салата Зетра во Сараево. 11 мај 2021 година.

Хрватската влада на денешна седница донесе одлука да донира 310.000 дози вакцини против Ковид-19.

На соседна Босна и Херцеговина ќе и бидат донирани 210.000 дози, додека по 20.000 дози на Црна Гора, Косово, Северна Македонија, Албанија и Киргистан, соопшти хрватскиот премиер Андреј Планковиќ.

„Подобро е да се користат дозите отколку да се чуваат во магацин“, рече Пленковиќ.

„Ние имаме и одредени ограничувања кога станува збор за складирањето. Во согласност со нашите нарачки, во текот на годината ќе имаме доволно дози и за други донации“, рече Пленковиќ.

Засега нема податоци за видот на вакцините или за динамиката на испораката.

„Сите овие земји се соочуваат со сериозни последици од пандемијата на Ковид-19 и со голем притисок врз здравствениот систем, што потоа се одразува на социјалните и економските услови“, изјави државната секретарка во Министерството за надворешни и европски прашања Андреа Метелко Згомбиќ.

Таа потсети дека Хрватска е посветена на поддршката, развојот и стабилноста на соседните земји преку механизми за развој и хуманитарна помош, додека Киргистан и се обратил на Хрватска со барање за итна помош за вакцини со оглед на сериозноста на ситуацијата.

Пленковиќ апелираше до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи, како што рече, има нови заразни видови на вирусот. Тој посочи дека ситуацијата е се уште сериозна.