Пендаровски: Следната година целосно враќање на економскиот потенцијал

Македонскиот претседател Стево Пендаровски во Загреб се обрати на средба меѓу македонски и хрватски бизнисмени.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска во Загреб се обрати на средба на македонски и хрватски бизнисмени, каде рече дека пандемијата на Ковид-19 нанесе огромни штети врз економиите во двете држави и изрази надеж дека погодените сектори, како што е туризмот, многу брзо ќе се вратат во нормала со отворањето на границите.

„За тоа особено е важна вакцинацијата против Ковид-19 и добро е што се забележува висок процент на вакцинирани во двете држави. Без вакцинација нема сигурен развој на економијата и враќање во она што било претходно“, рече Пендарвоски.

Денешната билатерална деловна средба, на која се обрати Пендаровски, е со фокус на инвестициите и е организирана во соработка со Хрватската трговска комора. На неа присуствува и македонска бизнис делегација.

Пендаровски наведе дека бројките во трговската соработка во изминатите години се намалени, но дека оптимистичките сценарија за македонската и хрватската економија се дека четвртиот квартал годинава може да донесе поголеми стапки на економски раст.

„И практично да биде предвесник на она што ќе се случува следната година кога би можеле да очекуваме целосно враќање на економскиот потенцијал како што беше пред 2020 година“, вели Пендаровски.

Ова е втор ден од oфицијалната посета на Пендаровски во Хрватска. Тој вчера беше пречекан со државни и воени почести од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, по што беше одржан пленарен состанок на делегациите на двете земји.