Делта сојот брзо се шири во Латинска Америка

Архива: Група лекари кои работат со пациенти заразени со корона вирус, Ковид-19.

Случаите на инфекција со корона вирус се намалуваат во Северна Америка, но во повеќето земји на Латинска Америка и Карибите крајот на пандемијата „останува далечна иднина“, соопшти Панамериканската здравствена организација (ПАХО).

Додека инфекциите се намалуваат во САД, Канада и Мексико, бројот на заразени во Латинска Америка и Карибите се зголемува, а вакцинацијата заостанува.

Само едно од десет лица е целосно вакцинирано, ситуација што директорката на ПАХО, Кариса Етјен, ја нарече „неприфатлива“.

Истакнувајќи дека сезоната на урагани на Карибите доаѓа во време кога епидемијата се влошува, Етјен ги повика земјите да ги опремат болниците и да ги прошират засолништата за да се намали потенцијалот за пренесување на корона вирусот. Социјалното растојание и соодветната вентилација стануваат проблем за време на бурите, рече таа.

Во десетина американски земји веќе е откриена многу преносливата Делта варијанта на корона вирусот, но досега нејзиното пренесување во општествата беше ограничено, изјави советникот за вирусни заболувања на ПАХО, Жаиро Мендез.

Сепак, Делта сојот е пронајден во Аргентина, Бразил, Канада, Чиле, Перу, САД и Мексико, каде се прошири во Мексико Сити, наведува ПАХО.

Со оглед на присуството на вакви варијанти, земјите од регионот треба да ја зголемат будноста и да размислат за потребата од ограничување на патувањата, па дури и затворање на границите, рече директорот на ПАХО за итни здравствени услуги Чиро Угарте.

Според податоците што ги објави Ројтерс, досега во Латинска Америка и Карибите се регистрирани најмалку 37.441.000 пријавени инфекции и 1.272.000 потврдени смртни случаи предизвикани од корона вирусот, што е за една третина повеќе отколку во Азија и Африка заедно.