Мендес да Силва: Португалија никогаш не би загрозила изнаоѓање решение меѓу Скопје и Софија

Никола Димитров и Ана Пола Закаријаш

Португалија никогаш не би го загрозила процесот на изнаоѓање решение во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, напротив, постојано се обидуваме да го олесниме, изјави португалската амбасадорка во земјава Марија Виржинија Мендес да Силва Пина, демантирајќи ги извештаите на бугарските медиуми дека државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш изјавила оти „јазикот на Северна Македонија некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на двете земји“. Пина, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, во изјава за Дојче Веле нагласува дека Закаријаш рекла оти „има политички момент кој ги отежнува работите во Бугарија и дека има сензитивни прашања поврзани со идентитетот, историјата и бугарскиот и македонскиот јазик“.

Заев: Прво проверка на автентичноста на изјавата, а потоа реакција

Бугарското национално радио јави дека Закаријаш во разговор со новинари во Лисабон изјавила оти дебатата помеѓу двете земји е тешка и поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји и со идната соработка, како и оти „очигледно е поврзана со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји“. Премиерот Зоран Заев вчера во врска со пренесената изјава на Закаријаш, изјави дека Министерството за надворешни работи ќе ја провери автентичноста на изјавата, повторувајќи го ставот дека португалскиот предлог е јасен и навистина е добра основа за решавање на разликите, бидејќи нуди решение, но не зазема страни.