ЕП: Погрешна е одлуката на Франција да го блокира укинувањето визи за Косово

илустрација

Известувачот за Косово во Европскиот парламент, Виола фон Крамон, изрази надеж дека во наредниот период, позицијата во рамките на Европската унија по прашањето за визната либерализација за Косово, особено во Франција, ќе биде помалку поларизирана.

На прес-конференција во Приштина, таа ја оцени како погрешна одлуката на Франција да го блокира процесот за добивање безвизен режим за Косово.

Таа повтори дека Косово ги исполнило сите услови за визна либерализација и дека Европската Унија не ги исполнила своите обврски, со што како што рече „го изгубила кредибилитетот“.

Сепак, фон Крамон додаде дека Косово треба да продолжи да се бори против корупцијата и да спроведува реформи, со цел Франција да ја смени својата позиција.

Косово ги исполни условите за безвизен режим со ЕУ

На прашањето дали постои можност да се поврзе процесот на визна либерализација со дијалогот меѓу Косово и Србија, Виола фон Крамон изјави дека нема информации за тоа, со образложение дека двете прашања досега не биле поврзани.

Франција е една од најскептичните земји во ЕУ кога станува збор за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово.