Бајден: Иран никогаш нема да се здобие со нуклеарно оружје

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден на средбата со израелскиот претседател во заминување Реувен Ривлин во Белата куќа изјави дека Иран никогаш нема да се здобие со нуклеарно оружје. „Она што можам да кажам е дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје“, рече Бајден на почетокот на состанокот во Овалната соба. Средбата со Ривлин, кој треба да ја напушти главно церемонијалната функција на 7 јули по седумгодишен мандат, се одржа откако Нафтали Бенет на почетокот на овој месец стана нов премиер на Израел, на местото на Бенјамин Нетанјаху. Бајден рече дека се надева оти ќе се сретне со новиот премиер во Белата куќа „многу скоро“.

Израелскиот премиер го осуди изборот на новиот ирански претседател


Ривлин им изјави на новинарите дека е „многу задоволен“ од коментарите на Бајден за Иран. Иран и САД водеа индиректни разговори во Виена за обновување на договорот од 2015 година меѓу Техеран и шестте сили кои воведоа ограничувања на нуклеарните активности на Техеран во замена за укинување на меѓународните санкции. Поранешниот претседател Доналд Трамп го напушти договорот во 2018 година, во потег поддржан од Нетанјаху.