Мицкоски - Македонија треба да го продолжи патот кон ЕУ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Брисел.

Македонија треба да го продолжи својот пат кон ЕУ, изјави денеска во Брисел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со директорката за Западна Европа, Западен Балкан и Турција во службата за надворешно политички работи на ЕУ Анџелина Ајхорст. Мицкоски побара поддршка за државата и со Ајхорст се согласија дека местото на Македонија е во ЕУ.

„Зборувавме за неправдата која што е нанесена на македонскиот народ, на македонската нација и на македонската држава и неможноста да ги почнеме долго очекуваните преговори со Европската унија“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека е задоволен од тоа што го слушнал и како што вели најдоброто и за македонскиот народ и државата допрва следува.

Инаку, делегација на ВМРО-ДПМНЕ присуствува на Собрание на Европската народна партија (ЕПП) која треба да оствари средби со повеќе политичари. Во посета на Брисел се и потпретседателот на партијата Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски.

Денеска тие ќе остварат средби и со генералниот секретар на Европската народната партија – Антонио Лопез кој што доаѓа од Народната партија од Шпанија, а потоа со пратеникот во Европскиот парламент Дејвид Мекалистер кој што е претседавач на комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент од партијата ЦДУ.