Мас, Силва и Логар: Билатералните прашања да не се пречка за напредок во ЕУ

Знамиња на С.Македонија и ЕУ

Министрите за надворешни работи на Германија, Португалија и Словенија, Хајко Мас, Аугусто Сантос Силва и Анже Логар во заедничка изјава ветија напорна работа во престојниот период со цел брзо надминување на моменталната блокада, откако Северна Македонија и Албанија не добија зелено светло за почеток на преговорите на јунскиот самит на Европската Унија.

Според нив, моменталната блокада го поткопува кредибилитетот на ЕУ и е во спротивност со стратешкиот интерес на Унијата за стабилност на Западен Балкан.

„Крајно сме загрижени што сè уште не успеавме да започнеме пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, и покрај фактот што Советот донесе одлука за тоа уште во март 2020 година. Двете земји спроведоа низа реформи, а Северна Македонија инвестираше голем политички капитал во проширувањето и дури и го промени своето име. Крајно време е, ЕУ да си ги одржи своите ветувања. Германското и португалското претседателство напорно работеа на изнаоѓање на компромис, кој ќе овозможи да се оди понатаму, а словенечкото претседателство ќе ги продолжи овие напори и ќе се надоврзе на досега постигнатото. Веруваме дека билатералните прашања не треба да се пречка за напредок, кој е од толку суштинско значење како за ЕУ, така и за Западен Балкан“, велат во заедничката изјава Мас, Силва и Логар.

Тие потенцираат значењето на продолжувањето на процесот на проширување, како стратешка цел на Унијата. Тројцата шефови на дипломатиите порачуваат дека токму процесот на проширување и перспективата на членството во ЕУ ја нудат најдобрата можна рамка за надминување на различните гледишта кои постојат кај сите партнери од Западен Балкан.