Москва и Лондон продолжуваат да даваат контрадикторни информации за инцидентот што се случи вчера во Црното Море.
Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека е повикана британската амбасадорка Дебора Бронер и дека ќе и биде врачен демарш заради инцидентот, што се случи претходниот ден.
Москва објави дека нејзиниот воен брод испукал предупредувачки истрели и дека воен авион фрлил бомби кон британскиот разурнувач ХМС Дефендер со цел да го принуди да го смени правецот на движење од областа во близина на кримскиот град Севастопол.
Британското Министерство за одбрана негираше дека воопшто имало истрели и дека ХМС Дефендер бил во руските води, нагласувајќи дека тој бил во украинските води на пат кон Грузија на источниот крај на Црното Море.
Русија го анектираше украинскиот регион Крим во март 2014 година, испраќајќи војници и одржувајќи референдум кој најмалку 100 држави го прогласија за нелегитимен откако украинскиот претседател Виктор Јанукович, беше симнат од власт по многуте јавни протести.
Британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб на прес-конференција при посетата на Сингапур повтори дека „немало истрели“ и дека британскиот брод „изведувал невин премин низ украинските територијални води“.
„Ние го сторивме тоа во согласност со меѓународното право, а руската карактеризација е предвидливо неточна“, рече тој.
Захарова британската верзија на настаните отворено ја нарече „гола лага“.
Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија е подготвена да ги разгледа сите можни одговори на, како што рече, „провокативни активности“, додека заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков ја засили својата реторика, заканувајќи се дека „ќе фрли бомби“ доколку се случат такви инциденти.
Според меѓународниот поморски закон, невиниот премин дозволува брод да помине низ територијалните води на друга држава, се додека тоа не влијае на безбедноста.
Зголемувајќи ги тензиите, Русија смета дека областите околу запленетиот брег на Крим се руски води. Западните земји го сметаат Крим за дел од Украина и го отфрлаат руското тврдење.