Се урна повеќекатница во Флорида

илустрација

Во областа Мајами-Дејд во Флорида, во тек е голема операција за спасување откако 12-катна зграда делумно се урнала во текот на ноќта меѓу средата и четвртокот, пренесува Би-Би-Си.

Сликите од Сурфсајд, северно од Мајами Бич, покажуваат огромен куп урнатини од станбена зграда. Американските медиуми јавуваат дека најмалку едно лице загинало, а неколку лица се повредени.

Десетици спасувачки единици се на самото место, а уривањето на зградата, како што се наведува, се случило околу 2 часот по локално време. Причината зошто се срушила зградата сè уште не е позната, пренесува Ројтерс.

Противпожарната служба соопшти дека испратиле 80 возила на местото на настанот. Во акцијата за спасување помага и полицијата. Според извештајот на ABC News, најмалку осум лица биле пренесени во болница, а едно момче било спасено. Сурфсајд се протега по должината на авенијата Колинс, северно од границата на градот Мајами Бич.