Изгаснат пожарот во Гевгелија, повреден пожарникар во Тетово

Пожар

Еден пожарникар е полесно повреден во Тетово при гаснење пожар во текот на вчерашниот ден, а противпожарната единица морала да интервенира на десетина места во периодот од 8 часот па се до 3 часот рано изутринава. Во тетовскиот крај вчера гореле најмалку три пожари.

Вчера имавме пожар кај Спортскиот центар во Тетово каде беше повреден пожарникарот. Освен таму на отворено имавме пожари во атар на Брвеница, Жеровјане на дива депонија во Челопек во куќа и плевна и на автопатот Тетово-Скопје на возило. Причини се високите температури и несериозноста на граѓаните кои палат на отворен простор“, информира Ука Алити, командант на тетовската пожарна.

Во СВР Тетово во текот на првите шест месеци од годинава, заклучно со денеска, 24 јуни бројот на пријавените пожари на ова подрачје изнесува 54 на отворен простор, во поле, шумски предели и други места. Според полициските податоци во два од нив загинале две лица.

Од полицијата потсетуваат дека предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.

Во меѓувреме пожарот кој пред точно 24 часа избувна вчера попладне над браната „Топлик“ на ридест терен во подножјето на планината Кожуф е локализиран и ставен под контрола,, велат од противпожарната единица во Гевгелија. Во гаснењето на пожарот на терен учествувале шест пожарникари со две возила и екипа од пет шумски работници. Поради високата дневна температура и тивкиот ветар кој го распламтувал огнот, пожарникарите имале отежнати услови за локализирање на пожарот. Според првична проценка од шумските работници кои беа на терен, пожарот зафатил површина од околу пет хектари на кои пред 12 години биле засадени млади дрвца од бор, даб и габер.