Заев за ФФМ- ако примаат пари од буџет мора да го почитуваат договорот за името

Премиерот Зоран Заев

Сите невладини институции, приватни или правно-приватни субјекти во кои спаѓаат и приватни фирми и граѓански здруженија, ако примаат пари од Буџетот за нивни меѓународни активности, треба да го почитуваат Преспанскиот договор. Вака премиерот Зоран Заев одговори вечерва на прашањето дали ќе се менува името на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Заев рече дека чувствува горчина, но Преспанскиот договор е завршена работа и тоа е нешто што ни обезбедува иднина. Треба да тераме во тој правец, не ни требаат, како што нагласи, нови непријателства.

"Сите институции кои не се државни, а примаат пари од државата за нивно претставување надвор, имаат обврска според Преспанскиот договор да се променат. Очекувам федерациите дури и кои не примаат пари или други здруженија, да го следат уставното име на државата. Не дека не е горчина и кај мене. Тоа е завршена работа и тоа е нешто што ни обезбедува иднина. И треба да тераме во тој правец. Не ни требаат нови непријателства. Дефинитивно сите невладини институции, односно приватнни или правно-приватни субјекти во кои спаѓаат и приватни фирми и граѓански здруженија, ако примаат пари од Буџетот за нивни меѓународни активности, тоа треба да го направат“, објасни Заев.

Заев- прашањето со ФФМ ќе се реши врз основа на Договорот од Преспа и правилата на УЕФА

Во јануари, рече премиерот, ФФМ има примено пари од Агенцијата за млади и спорт.

„Очекувањата се да постапат согласно Уставот и законите зашто Преспанскиот договор е ратификуван и тој е закон. Да, во фудбаласката репрезентација на Северна Македонија играат Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци,… Треба да го следиме Преспанскиот договор зашто тоа е наша обврска, а Грците си имаат нивни обврски кои ги исполнуваат“, рече Заев.

Инаку Грција по почетокот на Европското првенство во фудбал бараше од УЕФА , како што јавија медумите, македонската репрезентација да ја користи кратенката НМ или РНМ во англиската верзија на уставното име, а побара и да го разгледа името на македонската фудбалска федерација, и да се сменат дресовите.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) нема обрвска да го прилагоди своето име според Договорот од Преспа бидејќи е независна и непрофитна организација која во централниот регистар е регистрирана како здружение кое не прима државни пари.

УЕФА потврди дека ја примила забелешката од Грција но ја одби наведувајќи дека тие го користат името Фудбалска федерација на Република Северна Македонија во целата официјална комуникација и дека ја имаат прилагодено релевантната терминологија меѓу кои и статутот на УЕФА.