Од Ахмети и Радев до Лукашенко и Камчев

МАКЕДОНИЈА - Промена на трите државни симболи, знамето, грбот и химната било дел од разговорите меѓу лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети. Ова вчера во интервју за ТВ Клан го изјавил владиниот коалиционен партнер Ахмети. Тој во интервјуто истакна дека прашањето за промената на химната е веќе извесно и дека за тоа немало, како што вели, поголемо противење од неговиот политички партнер.

ЕУ / УНГАРИЈА - Група држави членки на Европската Унија денеска испратија остри критики до Унгарија за последниот анти-ЛГБТ закон пред Самитот на кој ќе бидат доведени во прашање демократските капацитетите на Будимпешта и нејзиниот националистички сојузник Варшава.

САД / РУСИЈА - Американското министерство за правда соопшти дека се обвинети 5 лица меѓу кои и руски државјани за нелегално извезување на воени производи во Русија, со што е прекршен законот за контрола на извозот на оружје.

БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА / ЕУ - Бугарија денеска не даде зелено светло за Северна Македонија на денешниот состанок на Советот за општи работи во Луксембург. Во соопштението на бугарското министерство за надворешни работи е наведено дека Бугарија е отворена за конструктивен дијалог во Северна Македонија за време на претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање на меѓусебни прифатливи решенија.

МАКЕДОНИЈА - Бизнисменот и осомничениот Јордан Камчев на 16 јули ќе седне на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1 по обвинението познато во јавноста како Плацеви на Водно. Судскиот совет денеска го одобри обвинителниот акт за случајот во кој се обвинети и поранешниот пемиер, Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, екс директорот на УБК Сашо Мијалков, мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

БЕЛОРУСИЈА - Обвинителството побара од белорускиот суд да го осуди Виктор Бабарика, на 15 години затвор под обвинение за корупција. Бабарика е поранешен белоруски банкар чиј обид да се кандидира за претседател на државата како противник на авторитарниот лидер Александар Лукашенко на контроверзните избори минатата година беше спречен со апсењето.

МАКЕДОНИЈА - Македонската фудбалска репрезентација денеска се врати во Скопје, по синоќешниот последен натпревар во рамките на Европското фудбалско првенство (ЕП). Капитенот во заминување од репрезентацијата, Горан Пандев, рече дека жали што не освоиле барем еден бод на ЕП и дека селекторот Игор Ангеловски треба да остане како селектор до завршувањето на квалификациите на Светското фудбалско првенство.

македонија - Македонија ги исполни потребните услови и преговорите треба да започнат веднаш. Како претставник на шведската Влада цврсти верувам дека преговорите со Северна Македонија требаше веќе да бидат почнати и ЕУ веќе донесе едногласна одлука за ова во март 2020 година, изјави денеска во Скопје шведската министерка за надворешни работи Ан Линде, на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

СРБИЈА - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека на Србија не ѝ треба замрзнат конфликт со Косово. Претставувајќи го извештајот за дијалогот со Косово во Собранието на Србија, Вучиќ рече дека Србите во Косово сакаат преговорите да постојат за да се постигне какво било компромисно решение во иднина.