Филипче: До крајот на месецот ќе стигнат кинеските вакцини Синовак

До крајот на месецот ќе стигнат кинеските вакцини „Синовак“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по средбата со кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо. Тој додава дека од наредната недела ќе продолжи масовната вакцинација на населението, која сега се одвива со намалено темпо поради малиот број вакцини кои ги имаме на располагање.

„Веќе е направен планот на граѓаните за 100.000 дози „Фајзер“ и 500.000 „Синовак“. Од наредната недела се очекува вакцинација на 15.000-20.000 граѓани на ден. За брзо време ќе се вакцинираат сите 180.000 пријавени граѓани. Мислам дека до крајот на летото голема бројка граѓани ќе бидат вакцинирани, рече министерот Филипче.

Toj смета дека до крајот на летото во земјава може да биде постигнат процент на имунизирани лица за кој ќе може да се каже дека е колективен имунитет, односно оти дотогаш би можеле да бидат вакцинирани околу 600 илјади граѓани, што, како што истакна. е 50 проценти од популацијата планирана за вакцинација.

СЗО: вакцините се ефикасни против делта варијантата на коронавирусот

Откако ќе бидат вакцинирани сите пријавени граѓани, Министерството за здравство ќе спроведе теренска вакцинација во местата каде интересот бил слаб. Филипче додаде дека се уште не се знае како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но нагласи дека искуствата од другите држави, вклучувајќи ја и Кина, покажуваат оти вакцините се многу важен фактор во борбата против пандемијата и дека спречуваат тешки форми на болеста.