Филипинскиот претседател се закани со затвор на тие кои нема да се вакцинираат

Родриго Дутерте

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте им се заканува со затвор на граѓаните кои одбиваат да се вакцинираат против ковид 19 додека неговата земја води голема битка со коронавирусот и има над 1,3 милиони заразени и над 23 000 мртви.

„Вие одлучувате, или ќе се вакцинирате или ќе одите во затвор“, им рече претседателот Дутерте на граѓаните во телевизиско обраќање по извештајот за слабиот интерес за вакцинирање во главниот град Манила, пренесува Ројтерс.

Забелешките на Дутерте се во спротивност со наводите на филипинските здравствени власти кои соопштија дека иако се охрабруваат луѓето да се вакцинираат, сепак тоа е на доброволна основа.

СЗО: вакцините се ефикасни против делта варијантата на коронавирусот

Заклучно со 20 јуни, 2,1 милиони луѓе се целосно вакцинирани на Филипините, што е многу мал напредок со оглед на тоа што целта на владата е да вакцинира до 70 милиони луѓе до крајот на годината, во земја која има 110 милиони жители.

„Не ме сфаќајте погрешно, но земјата е во криза, јас сум револтиран од граѓаните кои не ја почитуваат својата влада“, рече Дутерте.

Дутерте веќе беше критикуван за неговиот груб пристап во спречувањето на ширење на вирусот како и за неговата цврста одлука да ги задржи училиштата затворени.