Американскиот амбасадор Џон Саливан ќе се врати во Москва оваа недела, два месеца по напуштањето на функцијата во услови на влошување на односите меѓу САД и Русија, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс. По нивниот самит на 16 јуни во Женева, претседателот Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин објавија дека нивните амбасадори наскоро ќе се вратат во своите мисии во обид да ги намалат тензиите. „Тоа е делумно затоа што остануваме посветени на отворање канали за комуникација со руската влада, и како средство за унапредување на интересите на САД, но и за намалување на ризикот од погрешна пресметка меѓу нашите две земји“, рече Прајс.
По средбата Бајден-Путин, рускиот амбасадор се враќа во САД
Рускиот амбасадор Анатолиј Антонов се врати во Соединетите држави на 20 јуни, велејќи им на руските медиуми дека е оптимист и сака да помогне во градењето „еднакви и прагматични“ односи. Антонов беше повикан во март по коментарот на Бајден, кој укажа дека се согласува оти Путин бил „убиец“. Односите меѓу Русија и Соединетите Држави се влошија уште повеќе откако Бајден ја презеде функцијата во јануари, а Вашингтон ја санкционираше Москва поради сајбер напади, мешање во избори и труење и затворање на опозицискиот политичар Алексиј Навални.