Од Пандев до Лукашенко

МАКЕДОНИЈА - Македонската фудбалска репрезентација загуби со 3:0 на натпреварот против Холандија на Европското првенство 2020. Капитенот Горан Пандев се прости од репрезентативниот дрес со пораз на последниот натпревар од групата Ц.

САД - Белата куќа го соопшти планот за споделување на 55 милиони дози на вакцини Ковид-19 на глобално ниво, приближно 75 отсто од дозите се доделени на Латинска Америка и Карибите, Азија и Африка преку меѓународната програма за споделување вакцини Ковакс.

БЕЛГИЈА - Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ја поздрави добрата соработка со САД околу дијалогот Белград- Приштина, јави МИА.

БЕЛОРУСИЈА / САД - САД денеска воведоа санкции поврзани со Белорусија за 16 физички лица и пет субјекти, според веб-страницата на Министерството за финансии, со што се зголемува притисокот врз претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

РУСИЈА - Руските власти кои се обидуваат да се справат со смртоносниот трет бран на коронавирусот повторно ја отворија мобилната болница во Москва, додека рускиот претседател Владимир Путин рече дека ситуацијата во некои региони е влошена.

ФРАНЦИЈА - Француската центро-десничарска партија Републиканци е на пат да го добие првиот круг на регионалните избори во Франција, покажуваат излезните анкети. Зад нив е крајната десница на Мари Ле Пен. Истражување на ИПСОС покажува дека партијата Републиканци освоила 27 отсто од гласовите на вчерашното гласање, a партијата на Ле Пен добила 19 отсто, што е помалку за седум проценти од регионалните избори во 2015 година.

МАКЕДОНИЈА / ЕУ - Сите сме мошне посветени кон заедничко изнаоѓање решенија што ќе доведат до отворање на пристапните преговори на Северна Македонија што е можно побрзо, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, во одговор на новинарско прашање дали португалскиот предлог за деблокирање на нашиот евроинтеграциски процес ќе се разгледува и за време на словенечкото претседателство со ЕУ.

ШВЕДСКА - Стефан Лофвен, социјалдемократскиот премиер на Шведска кој е на функцијата од 2014 година, го загуби гласањето доверба во парламентот кое се одржа денеска во услови на станбена криза во земјата и пораст на цените на недвижностите. Со ова тој стана прв премиер во историјата на Шведска на кој му е изгласана недоверба.

ГЕРМАНИЈА - Германските власти соопштија дека уапсиле руски државјанин осомничен за давање сензитивни информации од германски универзитет на Москва за што добивал пари.