Данска ги укина рестрикциите за влез на македонски државјани

Пасош. Илустрација.

Данското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека земјите од портокаловата листа за ризик од Ковид-19, како што се Северна Македонија, Албанија, Либан и Србија, се додадени на жолтата листа. Дански институт за превенција и контрола на заразни болести во меѓувреме регистрираше пад на стапката на инфекции со коронавирус во овие држави.

Од 19 јуни, според соопштението, патниците од овие земји ќе можат да влегуваат во Данска без да одат во карантин и без двојни тестирања за Ковид-19, јавија медиуми од земјата.

Патниците од земји коишто се на портокаловата листа исто така можат да влегуваат во Данска за несуштински потреби, но морат да поминат низ самоизолација и тестирања за Ковид-19. На 12-ти овој месец, данската Влада го укина карантинот за патници од Кипар, Хрватска, Луксембург и Швајцарија, поради ниската стапка на инфекции со Ковид-19 во изминатиот период.