Министерството за здравство соопшти дека со крвна плазма се третирани 1431 пациенти. Според податоците на Институтот за трансфузиона медицина досега се обезбедени вкупно 1732 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19.
„Со ваквиот највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на тие кои во моментот се борат со коронавирусот.
Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19“, велат од Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со дел од дарителите на ковалесцентна плазма и порача дека тие со својата несебичност спасиле човечки животи во пандемијата.
Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.
Од министерството додаваат дека Институтот за трансфузиона медицина е достапен во секое време и сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители, може да се јават за детални информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени со Ковид-19.