Втор пациент заразен со индискиот сој во земјава

Уште еден пациент во Македонија е заболен од индискиот сој на коронавирус, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче. Сепак тој додаде дека епидемиолошките анкети покажале дека нема поголем ризик и потреба од дополнителни мерки.

„Има уште еден ист таков случај кој се лекуваше во една од приватните болници. Стравување од индискиот сој или некоја нова форма на мутација која може да виде позаразна од сегашните актуелни постои насекаде. Но, битно е дека сите вакцини штитат од тешка форма на бoлеста или од смртен исход, дури и од таква мутирана форма на вирусот. Досега епидемиолошките анкети кои се направени покажаа дека нема некаков ризик, а со тоа и дополнителни мерки не треба да се прават“, рече министерот Филипче денес во Битола.

Со овој случај во Македонија досега се регистрирани само двајца граѓани кои се заразиле со индиската мутација. Првиот заболен беше откриен во јуни, а претходно престојувал во Ирак.

Македонците на масовна ревакцинација во Србија

Филипче додаде дека процесот на вакцинација е забавен бидејќи нема доволно вакцини, но како што рече, динаминката ќе се промени, кога ќе стигнат „Синовак“ од Кина и 100 илјади од „Фајзер“ преку ковакс-системот.

„Нашата последна информација е дека 100 илјади вакцини на ‘Фајзер’ преку ковакс-системот ќе стигне на 28 јуни, а на 27 или 28 јуни, половина од кинеските вакицини ‘Синовак’ и останатата половина до вкупно 500 илјади, до 30 јуни“, вели Филипче.

Тој најавува дека наскоро, откако сите ќе добијат термини, граѓаните ќе можат и без термин да одат и да се вакцинираат на пунктови.