ООН бара ембарго на продажбата на оружје на Мјамнар

ООН повика да запре продажбата на оружје на Мјанмар, како одговор на годинашниот насилен воен удар. Генералното собрание усвои резолуција со која се осудува воената хунта, која ја собори избраната влада на земјата во февруари.

ООН исто така повика на ослободување на политичките затвореници, како што е избраната лидерка Аунг Сан Су Чи и да се стави крај на насилството врз мирните демонстранти. Иако не е законски обврзувачка, резолуцијата е политички значајна.

„Ризикот од голема граѓанска војна е реален. Времето е од суштинско значење. Можноста за пресврт се стеснува по военото преземање на земјата“, рече на Генералното собрание специјалната претставничка на ООН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер.

Воената хунта во Мјанмар се заканува со распуштање на партијата на Аунг Сан Су Чи

Резолуцијата беше поддржана од 119 земји, а Белорусија единствена гласаше против. Уште 36 земји беа воздржани, вклучително и Русија и Кина - двата најголеми добавувачи на оружје во Мјанмар.

Некои од воздржаните земји коментираа дека кризата во Мјанмар е внатрешна работа на таа земја, додека други велат дека резолуцијата не зборува за бруталното воено насилство врз муслиманското население на Рохинџа пред четири години, кое принуди скоро милион луѓе да ја напуштат земјата.