Заев- прашањето со ФФМ ќе се реши врз основа на Договорот од Преспа и правилата на УЕФА

Премиерот Зоран Заев

Македонскиот премиер Зоран Заев во писмена изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА и грчката државна телевизија ЕРТ вели дека веќе го покренале конкретниот аспект со Фудбалската федерација и во наредниот период ќе го решеле прашањето врз основа на Договорот од Преспа и правилата и традицијата на европската фудбалска федерација УЕФА.

Изјавата на премиерот Заев следува по реакциите во Грција за амблемот на Фудбалската федерација на Македонија ФФМ на дресовите на нашите репрезентативци.

"Цела Европа знае дека нашата фудбалска репрезентација на првенството ја претставува Северна Македонија. Дури и Федерацијата да не е јавен ентитет, националниот тим е. Како што е во сите земји во светот. Па така, јасно е и треба да биде јасно на сите нивоа дека е репрезентација на Северна Македонија, ирелевантно од иницијалите на Федерацијата на дресовите. Веќе го покренавме конкретниот аспект со Федерацијата и во наредниот период ќе го решиме прашањето врз основа на Договорот од Преспа и правилата и традицијата на УЕФА“, вели премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Северна Македонија во изјавата додава дека „имплементацијата на Договорот од Преспа е работа во тек и нашата цел е постепено да најдеме решенија со соседите кои го спроведуваат Договорот и да нè придвижат напред врз основа на соработката и взаемното почитување“.

Инаку Грција по почетокот на Европското првенство во фудбал бараше од УЕФА , како што јавија медумите, македонската репрезентација да ја користи кратенката НМ или РНМ во англиската верзија на уставното име, а побара и да го разгледа името на македонската фудбалска федерација, и да се сменат дресовите.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) нема обрвска да го прилагоди своето име според Договорот од Преспа бидејќи е независна и непрофитна организација која во централниот регистар е регистрирана како здружение кое не прима државни пари.

УЕФА потврди дека ја примила забелешката од Грција но ја одби наведувајќи дека тие го користат името Фудбалска федерација на Република Северна Македонија во целата официјална комуникација и дека ја имаат прилагодено релевантната терминологија меѓу кои и статутот на УЕФА.