ВМРО-ДПМНЕ бара владата да објави каков предлог даде Заев во Бугарија

Софија- македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот службен премиер Стефан Јанев, 17.07.2021

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение бара Владата да објави каков предлог дал вчера премиерот Зоран Заев во Бугарија.

„Јавноста има право да знае каков предлог и каков подарок овој пат Заев нуди на официјална Софија. Нели се преговараше само португалскиот предлог? Зоран Заев со секоја нова изјава продава се повеќе и повеќе, позициите на државата со Заев се трајно разнишани. Дали предлогот на Заев содржи работи со кои ги продава и идентитетот и историјата“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот вчера придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров во Софија се сретнаа со бугарскиот службен премиер Стефан Јанев и претседателот Румен Радев и со претставници на политички партии.

На заедничката прес конференција Јанев рече дека делегацијата на Заев дошла со конкретен предлог, што ќе го разгледале сеопфатно и професионално во наредните денови. Заев пак зборуваше за содржината на патоказот, кој според португалскиот предлог за деблокирање на македонските европски интеграции, треба да го достави македонската страна. Тој рече дека во патоказот се содржани работи поврзани со секторската соработка во сите можни области, со конкретни рокови, конкретни институции, а дека разговарале и за интензитетот на работата на историско-образовната комисија. Заев рече дека комисијата досега постигнала договор за пет историски личности, а ВМРО-ДПМНЕ денеска прашува кои се тие.

Инаку, заедничката комисија досега одржа 14 средби. Лани беше објавено дека се усогласени ставовите за заеднички чествувања на пет историски личности - Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Во меѓувреме усвоени се препораки за учебниците за историја во петти клас во Бугарија и шесто одделение во Македонија.