Пендаровски-Различните ставови за историски прашања не смеат да бидат пречка за соработката и пријателството

Претседателот Стево Пендаровски, Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), Самит кој се одржува во Анталија, Турција.

Претседателот Стево Пендаровски, денеска учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите – учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што во рамките на турското претседавање се одржува во Анталија, Турција. Тој во своето обраќање, посочи дека во рамките на ПСЈИЕ, во изминатиов период се постигнати значајни резултати, како во политичката, така и во економската, безбедносната и социјалната сфера.

„Ние сме релативно мали како земји и економии, но заедно сме силни. Фактот дека имаме разлики и различни ставови за членство во разни меѓународни сојузи, не исклучува поблиска соработка во сите поврзани секторски области од заеднички интерес“, изјави претседателот Пендаровски.

Тој се осврна и на пандемијата од ковид-19 која наметна изнаоѓање нови начини на соработка, давајќи приоритет на економското закрепнување на регионот на Југоисточна Европа. Според него стратегијата ЈИЕ 2030, која треба да се одобри денес, е пресвртница за регионалната соработка во Југоисточна Европа.

„Различните ставови за некои важни историски прашања дури и меѓу блиските сојузници не смеат да ги спречуваат соработката и пријателството. Тие не треба да го поткопуваат еден од најинспиративните проекти во историјата, европската интеграција, особено во нејзината следна фаза кон партнерите од ЈИЕ“, изјави тој.

Пендаровски смета дека интегрирањето на Западниот Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ, а претставува и геостратешка инвестиција во стабилна и просперитетна Унија.