САД ги укинуваат строгите правила за азил

Архива - Мигранти во САД.

САД укинаа две строги регулативи од времето на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп, што го отежнуваа добивањето на азил на имигрантите од Централна Америка, жртви на насилство.

Американскиот секретар за правда Мерик Гарланд изјави дека судиите повеќе не треба да ги применуваат правилата од ерата на Трамп, со кои им беше отежнато добивањето на азил на мигрантите кои ги напуштиле своите домови поради насилство во семејствата или од вооружени банди.

Гарланд рече дека регулативите се укинати откако американскиот претседател Џо Бајден им наредил на министерствата за правда и за безбедност да подготват правила за комплексни прашања за законот за имиграција, во врска со групи луѓе кои треба да имаат право на хуманитарна заштита.

Потегот на Бајден може да ги зголеми шансите имигрантите од Централна Америка да добијат судски спорови пред имиграционите судови.