Германската министерка за одбрана повлече вод од Литванија поради расизам

Германската канцеларка Ангела Меркел зборува со германски војаска.

Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер нареди итно да биде повлечен целиот вод од 30 војници од Литванија, по обвинувањата за расизам и антисемитизам.

Неделникот „Шпигел“ оваа недела објави дека неколку членови на Бундесверот стационирани во Литванија, во април пееле расистички и антисемитски песни на забава во хотел.

Еден од нив се обидел да изврши сексуален напад врз друг војник додека спиел, за што посоти видео снимка.

Крамп-Каренбауер рече дека таквото однесување на некои војници во Литванија е „шлаканица за секој што и служи на земјата во Бундесверот“.

Водот се враќа во Германија на 17 јуни, каде минатата недела започна истрага за однесувањето на војниците во Литванија.

Кон средината на 2020 година Крамп-Каренбауер распушти една од четирите борбени чети во германските елитни специјални сили Командо Специјалкрафте - КСК, бидејќи се сметаше дека е исполнета со екстремисти.

Истражителите откриле мноштво нацистички сувенири и голем арсенал украдена муниција и експлозив на имотот на наредникот кој служел во КСК од 2001 година.

Според изјавите на сведоците, неколку војници во неговата чета поздравувале со нацистичкиот поздрав до Адолф Хитлер и пееле нацистички песни на забава.