Полицијата во Хонгконг уапси пет новинари на продемократски весник

Полицијата го приведува заменик-главниот уредник на „Епл Дејли“ Чан Пуи-ман. Хонгконг (17 јуни 2021 година)

Полицијата во Хонгконг денеска уапси пет новинари од продемократскиот весник „Епл Дејли“, вклучително и главниот уредник Рајан Ло, за време на претрес во просториите повикувајќи се на Законот за национална безбедност.

Новинарите се уапсени поради постоење на „договор со некоја странска земја со цел да се загрози националната безбедност“, соопшти полицијата.

Во соопштението се додава дека уапсените лица се на водечки позиции во компанијата „Некст Дигитал“, матичната компанија на „Епл Дејли“.

Политичката атмосфера во Хонгконг значително се влоши по репресијата врз демократското движење, кое во 2019 година масовно го мобилизираше населението во знак на протест против влијанието на централните власти во Пекинг.

Тогаш властите усвоија закон за национална безбедност во кој се наведува дека во Хонгконг можат да владеат само „патриоти“.

Законот, кој предвидува и доживотен затвор, се занимава со злосторства поврзани со отцепување, субверзија, тероризам, но поради некои неодредени формулации властите го користат и за казнување на дисиденти.