Борел го претстави новиот пристап на ЕУ во односите со Русија

Шефот за заедничка надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел денеска го претстави предлогот за нов пристап на Унијата кон Русија, наведувајќи дека ЕУ во односите со Русија треба да биде спремна истовремено да „одговори, принуди и разговара“.

Новите насоки во односите кон Русија треба да бидат усвоени на Самитот на ЕУ на 24 и 25 јуни.

„Овие три глаголи претставуваат главни насоки на нашето делување. Ако земјите членки ги одобрат тие препораки треба да ги почитуваат, а не да ѝ препуштат на Русија да нè дели“, рече Борел.

Тој констатираше дека односите на ЕУ со руската влада се „на најниско ниво“.

Борел рече дека Русија не сака да разговара со ЕУ како целина, туку повеќе сака да разговара директно со некои од земјите-членки, со оние кои по нејзино мислење имаат одредена важност.

„ЕУ треба да се покаже единствена за да ја принуди Русија да разговара со неа“, рече тој.

Предложената стратегија вклучува детали за идните односи меѓу Брисел и шесте поранешни советски републики од Источното партнерство на ЕУ – Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Молдавија и Украина. Се наведува дека ЕУ „цврство го отфрла руското барање за привилегирана сфера на влијание“ врз тие земји.