Министерството за економија соопшти дека на јавниот повик за издавање ваучер за организиран одмор на работници со ниски приходи досега се пристигнати над 2600 апликации. На јавниот повик кој се затвора денеска право на учество имаа работници чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари.
Ваучерите се со вредност од 12.000 денари и може да се користат во категоризираните угостителските објекти за сместување (хотели) лоцирани во туристичките центри во земјава кои претходно се пријавени во Министерство за економија. Предвидени се 15 милиони денари за вкупно 1.250 ваучери.
Оваа мерка, според министерството, има за цел да им овозможи на семејствата со ниски приходи, со поддршка на државата да го искористат правото на годишен одмор и истовремено, да им се даде поддршка на хотелиерите и угостителите да работат со исполнети капацитети и надвор од туристичката сезона, со што се стимулира развојот на домашниот туризам.
Ваучерот може да се искористи најдоцна до 30 ноември 2021 година. Потврдата за користење на средства за организиран одмор се издава по принципот “прв дојден прв услужен“.
Потврдата за користење на средства за организиран одмор може да се користи само од работникот на кого му е издадена заедно со членовите на неговото потесно семејство кои се наведени во барањето.
Владата преку програмата на Министерството за економија, во 2017 година почна да ја спороведува мерката со цел да даде поддршка на домашниот туризам, но во исто време на семејствата со ниски месечни примања да користат одмор во туристичките центри во земјата.