Нема веќе полициски час, прославите може да бидат помасовни, ќе има концерти и забави

Полициски час како мерка против ширењето на коронавирусот, Скопје март 2021, архивска фотографија

Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и донесе одлука за целосно укинување на полицискиот час од утре. Се укинува и ограничувањето за максимум 100 гости на свадби и прослави. Се дозволува организација на настани, концерти и забави во клубовите и локалите само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1000 лица.

Владата донесе заклучок да престане да важи обврската угостителскиот објект во кој има прослава да ја регистрира и пријави прославата во угостителската комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.

Соодветно на овие заклучоци и одлуки, Владата препорача да се измени и дополни Протоколот за организирање на свадби/прослави и веселби.

Одлуката за укинување на ковид ограничувањата доаѓа откако падна бројката на заразени и починати од ковид во земјава и откако се намали бројот на пациенти кои се лекуваат во ковид болниците.