Првиот амбасадор на С. Македонија во Грција ги предаде акредитивините писма

Знамиња на Грција и на Македонија

Првиот амбасадор на С. Македонија во Грција денеска ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка. Лидија Бошковска е првата амбасадорка на С. Македонија во Грција, по подигнувањето на дипломатските односи меѓу двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа, со што Канцеларијата за врски во Атина прерасна во Амбасада.

Бошковска денеска ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, церемонијата започна со интонирање на грчката химна, по што амбасадорката ги предаде акредитивните писма и по куса аудиенција на крај беше интонирана македонската химна.

За време на аудиенцијата, Сакеларопулу и Бошковска, според информациите на МИА, разговарале за билатералните односи, за соработката, економијата, пандемијата, но и за туризмот.

Министерствата за надворешни работи на С. Македонија и Грција пред две години разменија ноти, со кои, согласно Договорот од Преспа, се подигна нивото на Канцелариите за врски во Скопје и Атина на ниво на амбасади.

Паралелно македонската Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Солун се подигна на ниво на Генерален конзулат, а истовремено грчката Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат