Лончар - Ситуацијата со коронавирусот во Србија е под контрола

Српскиот министер за здравство Златибор Лончар се обрати пред медиумите откако доби донација од шест возила за брза помош од САД.

Српскиот министер за здравство Златибор Лончар денеска изјави дека состојбата со коронавирусот во Србија е под контрола и дека нема поголеми проблеми.

Според него, во следниот период се очекува главна тема да бидат списоците на чекање за пациентите кои не се заболени од ковид.

„Сега сите капацитети на српското здравство ги реорганизираме во еден систем, а тоа е системот со зголемен обем на работа и на оние луѓе кои не се позитивни на коронавирусот“, рече Лончар во обраќањето пред медиумите по предавањето на шест амбуланти возила од САД за српскиот здравствен систем.

Лончар прецизираше дека целта е повеќе од 400 ковид пациенти да бидат во болниците во Батајница и Крушевац, како и во инфективните клиники на институциите што се занимаваат со тоа, а сите капацитети на здравствениот систем да бидат ставени на располагање на пациентите кои страдаат од други болести.

Лончар не сакаше да прејудицира дали Кризниот штаб за борба против коронавирусот на денешната седница дополнително ќе ги ублажи мерките.

„Треба да ги почитуваме сите мерки додека се на сила“, рече Лончар.

Тој повтори дека вакцинацијата е единствениот излез од пандемијата и апелираше до граѓаните на Србија, особено до младите, да се вакцинираат.

Запрашан за можен нов бран на вирусот на есен, Лончар рече:

„Доколку се вакцинираат што е можно повеќе луѓе, вирусот нема да може да се пренесува од еден на друг или да мутира“, рече Лончар.