Продолжува вакцинацијата на македонски државјани во Србија

Празни шишиња од вакцините на ФајзерБионтек

Масовната вакцинација на македонските државјани продолжи и викендов во Србија, каде нашите државјани бесплатно се вакцинираат без пријавување само со потребните лични документи, јави дописникот на МИА од Белград. ајголем број се упатуваат на вакцинација во Врање, каде на избор им се вакцините на „Фајзер“ и „Синофарм“.

Според извештајот на Здравствениот дом во Врање, во саботата, на 12 јуни бројот на вакцинирани граѓани на Северна Македонија е 581, а во неделата имунизиран е 391 Македонец.

„Досега 4502 Македонци се вакцинирани во Врање“, изјави лекарот Д-р Слаѓан Младеновиќ од Здравствениот дом, кој додаде дека граѓаните на Македонија кои ја примиле првата доза во Ниш, Белград или некој друг град, нема да можат да се ревакцинираат во Врање, туку во градот каде што ја примиле првата доза.

Според „Јужни вести“, македонските граѓани во помал број доаѓаат и во Ниш и Сурдулица, каде во салата „Чаир“ од 8 до 20 часот дневно се вакцинираат околу 100 македонски граѓани, со вакцините на „Фајзер“ и „Синофарм“.

Од Здравствениот центар во Ниш наведуваат дека поголема гужва се очекува од 18 до 21 јуни, кога е терминот за повторна вакцинација на 5700 македонските граѓани кои во март во Србија ја примија „Астра Зенека“, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора.