Од среда без полициски час, со дозволени забави на отворено и поголеми прослави

Полициски час во Скопје, 7 јуни 2020

Главниот координативен кризен штаб за справување со ковид кризата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките, информираат од владината прес служба.

Утрово комисијата одржа состанок по кој Министерството за здравство соопшти дека почнувајќи од среда се препорачува да се укине целосно полицискиот час, да се укине ограничувањето од максимум сто гости на свадби и прослави и да се дозволи организација на настани, концерти и забави во клубовите и локалите само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1000 лица.

Од комисијата велат дека епидемиолошката состојба е стабилна и го дозоволува ова. Конечната одлука треба да ја донесе владата на следната седница. Неколку недели бројот на новозаразени со Ковид19 во земјава е двоцифрен или едноцифрен, а вчера првпат по десет месеци не беше регистриран ниту еден починат.

Според последната ковид статистика вкупната бројка на дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.536, бројката на оздравени пациенти е 149.628, на починати е 5471, а бројот на активни случаи изнесува 437.