Претседателот на САД Бајден во Европа

американскиот претседател Џо Бајден пристигна во Британија

Скоро пет месеци по доаѓањето на власт, американскиот претседател Џо Бајден пристигна во Британија, прва фаза од европската турнеја за време на која тој ќе инсистира на поцврсти врски во трансатлантскиот сојуз и ќе има прв состанок со рускиот колега Владимир Путин. По пристигнувањето во Кралското воено воздухопловство Милденхол, Бајден разговараше со персоналот на американското воено воздухопловство сместен таму, порачувајќи дека демократијата мора да се брани, зајакне и обнови. „Ние мора да ги дискредитираме оние кои веруваат дека ерата на демократијата е завршена“, рече Бајден, наведувајќи дека е подготвен да му каже на рускиот претседател Владимир Путин кога ќе се состанат следната недела во Женева, Швајцарија, дека трансатлантскиот сојуз ќе остане „витален извор на сила за Британија, Европа и САД“.

Бајден - нема сомнеж во одлучноста на САД да ги брани демократските вредности

Американскиот претседател ќе учествува на самитот на Групата седум најразвиени земји во светот - Г7 во Британија. Собирот најмногу ќе се фокусира врз климата и пандемијата на вирусот корона. Бајден денеска ќе се сретне со британскиот премиер Борис Џонсон, а во недела ќе биде примен од кралицата Елизабета Втора на замокот Виндзор. Белата куќа не објави детали за состанокот со Путин, но соопшти дека засега не е планирана заедничка прес-конференција, за разлика од средбата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и Путин во Хелсинки во 2018 година, кога двајцата се појавија пред новинарите заедно.