ВМРО-ДПМНЕ втор ден одржа протести со блокади на три локации во Скопје и во 10 други градови во земјава, со барање од власта да обезбеди увид во документ од преговорите со Бугарија.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски рече дека блокадите ги организираат поради нетранспарентноста на властa и тајните преговори што ги водат со Бугарија премиерот Зоран Заев и специјалниот пратеник на Владата Владо Бучковски. Милошоски рече дека Договорот за добрососедство со Бугарија не решил проблеми, туку дека создал нови.
„Сега се бараат од Македонија нови отстапки и затоа сметаме дека не треба да се крие од јавноста што се преговара, туку да се соопшти на медиумите и на граѓаните кои се анексите кои што Софија инсистира да бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, рече тој.
Освен во Скопје, опозициската партија организираше блокади и во Штип, Велес, Кочани, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Охрид, Битола и Кичево.
Од владејачката СДСМ соопштија дека сметаат протестите се бидејќи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски чувствувал страв дека државата може да направи исчекор кон ЕУ.
„Фактот што овие издишани протести се случуваат во период кога во тек е дипломатска офанзива за деблокирање на евроинтегративниот процес покажува дека очигледно Мицкоски чувствува страв од тоа дека државата може да направи исчекор кон ЕУ“, се вели во денешно соопштение на СДСМ.