Светската банка предвидува раст на македонската економија од 3,6 отсто

Илустрација - лого на Светската банка.

Светската банка во најновиот извештај предвидува раст на македонската економија годинава од 3,6 отсто, следната година растот е проектиран на 3,5 проценти, а во 2023 на 3,4 отсто.

За земјите од регионот проектирано е Албанија годинава да има раст на БДП од 4,4 отсто, Босна и Херцеговина 2,8 отсто, Косово 4 отсто, Црна Гора 7,1 отсто и Србија 5 отсто.

Во 2022 година според најновата прогноза на Светската банка економијата на Албанија треба да има раст од 3,7 отсто, БиХ 3,5 отсто, Косово и Црна Гора од 4,5 отсто и Србија 3,7 отсто.

Во 2023 година растот на БДП во Албанија е проектиран на 3,7 отсто, БиХ, исто така, на 3,7 отсто, Косово 4,1 отсто, Црна Гора на 3,5 отсто и Србија 3,9 отсто.

Банката во јунскиот извештај „Глобални економски перспективи“ предвидува дека економијата во светски рамки ќе забележи раст во 2021 година за 5,6 отсто, што претставува најбрзорастечко темпо по период на рецесија во последните 80 години, главно благодарение на подобрувањето на перформансите на неколку големи економии.

Според Банката, и покрај закрепнувањето, глобалното производство до крајот на оваа година ќе биде на ниво од околу два проценти под проекциите поставени во периодот пред пандемијата.

Банката посочува дека во сиромашните земји, каде процесот на вакцинација е бавен, ефектите од пандемијата се одразија негативно на напорите за намалување на сиромаштијата и ја влошија несигурноста и другите долгорочни предизвици.