Европскиот парламент го одобри сертификатот за патување пред летната сезона

Гранична полиција во Хрватска го проверува сертификатот со QR кодот за вакцинација против ковид -19

Европските пратеници денеска го одобрија унифицираниот нов сертификат за патување со кој се олеснува движењето меѓу 27-те земји членки на унијата. Со оваа одлука се трасира патот за навреме стартување на системот пред почеток на сезоната за летни одмори.

Одлуката на Европскиот парламенент во Стразбур, сега ќе ја разгледаат и одобрат поединечно земјите членки на Унијата, што се очекува да биде набрзо и формално донесена. Оваа одлука треба да стапи во сила на 1 јули годинава и ќе има важност 12 месеци.

Со неа се опфатени условите под кои ќе биде дозволено патувањето, односно сертификат со кој се докажува вакцинација против ковид-19, потоа негативен резултат од тест или потврда за прележан ковид-19.

Засега патувањето низ земјите членки на Унијата е често збунувачко за туристите и авиокомпаниите, затоа што секоја земја применува различни правила и стандарди.

Седум европски држави воведоа дигитален сертификат за патување

Европскиот сертификат ќе биде унифициран и ќе се издава во хартиена и дигитална форма бесплатно. Во нив ќе биде вметнат QR код со безбедносни заштити. Сертификатот нема да се смета за патна исправа.

Сите земји членки мора да ги признаат сертификатите за вакцинација издадени во други земји членки на Унијата за вакцини кои се одобрени од Европската агенција за лекови.

Членките на ЕУ се договорија за „ковид пасошот“

Членките на ЕУ ќе треба да одлучат дали ќе ги признаваат сертификатите за вакцини кои се дозволени за употреба од нивните национални постапки или од вакцини кои се наведени за итна употреба на листата на Светската здравствена организација.