Во меѓународна акција уапсени повеќе од 800 криминалци

прес конференција на австралискиот премиер Скот Морисон и Жан Филип Лекуф, заменик директор на Европол.

Повеќе од 800 осомничени криминалци се уапсени ширум светот откако биле измамени да користат апликација за шифрирани пораки управувани од ФБИ, соопштија официјални лица.

Во операцијата, заеднички осмислена од Австралија и ФБИ, уредите со апликацијата АНОМ кои биле тајно распределени меѓу криминалците, дозволија на полицијата да ги следи нивните разговори за шверц на дрога, перење пари, па дури и заговор за убиство.

Официјалните лица ја нарекоа акцијата пресвртна точка. Целите биле нарко банди и луѓе поврзани со мафијата.

Во акцијата, спроведена во повеќе од десетина земји, биле запленети дрога, оружје, луксузни возила и пари. Тоа вклучува и осум тони кокаин, 250 пиштоли и повеќе од 48 милиони долари во разни светски валути и крипто-валути.

Стотици уапсени при глобална полициска операција против организираниот криминал

Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека операцијата „му нанела тежок удар на организираниот криминал“ ширум светот.

"Минатата недела неколку стотици лица беа уапсени во полициски операции ширум светот, од Нов Зеланд и Австралија, до Европа и САД. Резултатот е импресивен", изјави Жан Филип Лекуф, заменик директор на Европол.

Претставниците на Федералното биро за истраги на САД (ФБИ) на истата прес-конференција одржана во Хаг рекоа дека полициската операција спасила неколку стотици животи. Тие исто така изјавија дека со акцијата „биле спречени повеќе од 100 смртоносни закани“.

Полициската акција беше иницирана во неколку земји кои во текот на три години, од 2018 година, координативно работеа на декодирање на шифрираната комуникација на криминалните мрежи. Меѓу другото, беше дешифрирана апликацијата АНОМ што ја користеа криминалните мрежи ширум светот за комуникација.