Во изминативе 24 часа регистриран е само еден позитивен случај на заразен со ковид-19 од направени 1 375 тестови. Бројот на починати пациенти од компликации од коронавирусот во изминатово деноноќие изнесува 3 од кои едно лице е од Куманово на возраст од 55 години, второто лице е од Тетово на возраст од 61 година, и третото лице од Гевгелија на 80 годишна возраст. Од пријавените, сите лица се починати во болнички услови.
Министерството за здравство соопшти дека кај еден пациент кој е хоспитализиран во приватна болница, е детектирано присуство на „индиски“ сој на вирусот СарсКов2. Според епидемиолошката анкета која ја направила болницата, пациентот се вратил од Ирак, каде претходно 10 дена бил болен и хоспитализиран. Кога се вратил во земјава, веднаш со посебно санитетско возило бил пренесен во болницата. Состојбата на пациентот е стабилна и овој пациент не е знак за ризик, информираат од Министерството.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје има двајца хоспитализирани нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 51 лице сомнително и потврдено за Ковид 19 се лекува на инфективните одделенија во главниот град, а во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 75 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.418, бројката на оздравени пациенти е 149.496, на починати е 5.458, а бројот на активни случаи изнесува 464.