Зaев и Филипче кај Ердоган- Турција ќе донира вакцини Синовак

Турција- македонскиот премиер Зоран Заев и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, 05.06.2021

Премиерот Зоран Заев и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на работна вечера во Истанбул разговараа за взаемните пријателски односи меѓу двете држави исполнети со динамична соработка во повеќе области, информираше владината прес-служба.

Заев, придружуван од министерот за здравство Венко Филипче, е во еднодневната работна посета на Турција. Тој на средбата со Ердоган ја потенцирал, како што стои во соопштението од Владата, исклучително добрата економска соработка меѓу двете земји и нагласениот интерес на турските компании да инвестираат во Северна Македонија и да ги продлабочуваат деловните и трговски врски.

„Премиерот Заев и претседателот Ердоган споделија дека Северна Македонија и Турција, како сојузници во НАТО, се поврзани и со исти вредности по однос на мирот и стабилноста во регионот, преку добрососедски односи и регионална соработка, како и во борбата против тероризмот согласно со домашното право на двете земји, како и со меѓународното право“, стои во соопштението.

Претседателот Ердоган, наведуваат од Владата,потенцираше дека и покрај пандемијата двете земји имаа одлична трговска размена во 2020 година и дека тој ќе продолжи да ги мотивира турските компании уште повеќе да инвестираат во Северна Македонија. Во владиното соопштение, на средбата во Истанбул е истакнато дека Турција ќе продолжи да ја помага Северна Македонија во борбата против пандемијата, со желба да се продлабочи соработката и во областа на здравството.

Македонскиот министер за здравство Филипче пак на наведе дека Ердоган им соопштил дека Турција и донира на земјава 30.000 вакцини од производителот Синовак.