Околу 2500 македонски државјани влегле во Србија од полноќ до 11 часот

Граничниот премин Табановце.

Околу 2.500 македонски државјани излегле од државата преку граничниот премин Табановце од полноќ до 11 часот, соопштија денеска од МВР.

„Во периодот од 00:00 до 11:00 часот на 05.06.2021 на ГП Табановце влез оствариле 805 македонски државјани, а излез оствариле 2.449 македонски државјани. Во истиот период влез оствариле 2.468 странски државјани, а излез оствариле 794 странски државјани“, соопштија од МВР.

Дел од граѓаните кои излегуваат од државата заминуваат за ревакцинација во соседна Србија. Денеска и утре и во организација на Српскиот културно информативен центар Спона околу 800 македонски државјани ќе бидат вакцинирани против Ковид19 во здравствениот центар во Врање, соопштија од Спона.

Досега околу 15 000 македонски државјани се вакцинираа во Србија. Оние кои примиле прва доза во соседната земја може да примат втора во Македонија, освен, според одлуката на македонските здравствени власти, оние кои примиле АстраЗенека, а се помлади од 60 години.