Рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Баздникин изјави денеска дека очекува во блиска иднина да пристигнат нови пратки на вакцината „Спутник В“ во земјава.
„Распоредот за испорака не е предвиден со договорот и се формира во зависност од производствените можности на руската страна. Сепак, Амбасадата е во постојан контакт со раководството на Рускиот фонд за директни инвестиции околу испораките на вакцините. Се надеваме дека во блиска иднина ќе стигнат нови пратки на „Спутник В“, истакна амбасадорот по пристигнувањето на авионот на новата воспоставена авиолинија Москва-Скопје.
Баздникин за конкретен одговор кога ќе пристигнат новите пратки им порача на новинарите прашањето да го упатат до рускиот Фонд за директни инвестиции.
„Јас ви кажав толку колку што знам и колку можам. Ама сум сигурен дека сите обврски ќе бидат исполнети“ рече тој.
Тој потсети дека Руската Федерација планира на земјава да и испорача 200 илјади дози „Спутник В“.