Заев: Нема заеднички кандидат за градоначалник со ДУИ

Зоран Заев и Петре Шилегов

Премиерот Зоран Заев денеска потврди дека со нивниот коалициски партнер ДУИ нема да понудат заеднички кандидат Албанец за градоначалник на Скопје. Оваа изјава на Заев следува откако во медиумите се појавија шпекулации дека на претстојните локални избори владејачките коалициони партнери ќе излезат со заеднички кандидат Албанец за градот Скопје.

„Не се работи за тоа, се работи за нешто кое што претставува модернизација на нашиот коалиционен партнер и логично е да ги оставам за деталите да разговараат тие. Се работи за политичка платформа. Можам само да кажам дека тоа е во духот на тоа што го работи оваа влада“, изјави Заев.

Претходно и од ДУИ ја негираа информацијата дека двете партии ќе излезат со заеднички кандидат на локалните избори истакнувајќи дека Имер Селмани, името кое се спомнуваше во некои медиуми, всушност не е нивен член.

Вчера премиерот Заев соопшти дека утре претседателот на ДУИ Али Ахмети ќе соопшти убава вест, без да прецизира за што точно се работи. Заев додаде дека СДСМ на 8 јуни ќе има Централен одбор за избор на шеф на републички изборен штаб, а во втората половина на јуни ќе почнат со теренски анкети. Кандидатите за градоначалници СДСМ ќе ги соопшти кон крајот на летото.