Филипче: Очекуваме стабилна епидемиолошка состојба следните два месеца

Министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека според проценките на надлежните следните два месеци би требало да имаме стабилна епидемиолошка ситуација. Тој сепак истакна дека никој во светот не може да даде точно предвидување што може да се случи.

„Може да се случи да има мутација на вирусот која што е поконтагиозна од сите претходни соеви и тоа да ја смени епидемиолошката слика. Нашата проценка со резерва, е дека следниот период од два месеца летни кои што се пред нас ќе биде мирна епидемиолошката ситуација. Сепак граѓаните треба да знаат дека мерките се дадени да се почитуваат, маската секогаш е тука, иако не е задолжително да се носи надвор. Но кога има групирање, не е лошо граѓаните да им е при рака и да ја стават,“ истакна Филипче.

Вчера се вакцинирале 6.521 граѓани

Министерството за здравство сѐ уште нема конкретна информација кога би можело да се очекува пристигнувањето на најавените вакцини од Фајзер, обезбедени преку Ковакс системот, но точна најава нема ниту за руските пратки. Филипче вели дека во текот на вчерашниот ден добиле информација за вакцините коишто треба да пристигнат од Кина.

Филипче додаде дека втората доза вакцинираните во Србија ќе можат да ја примат во рок од неколку дена на пунктови во Врање или во Ниш кои допрва треба да бидат утврдени.