Музичарите ќе протестираат против новите протоколи

Денеска на пладне музичарите излегуваат на протест пред Владата, во знак на револт од новите правила за работа на угостителските објекти. Тие не се согласуваат со одлуката жива музика да смее да има само на свадби, а не и во кафулиња и други локали. Бараат да се укине ваквата мерка, бидејќи како што велат се дискриминирани оние музичари кои не свират свадби, а освен музичарите, погодени се и диџеите.

Од Независната угостителска комора (НУК) бараат укинување на точките од протоколите со кои во угостителските објекти за исхрана и кафетерии е забрането организирање на музички настани со настап на музички уметници во отворен и затворен дел од објектот (пејачи, музички групи, диџеи) и се ограничува максималното ниво на бучава во објектите на 55 децибели.

„Наместо Владата побрзо да излезе во пресрет на укажувањата за недоследноста на промената на постојните протоколи за работа на угостителските објекти и новите протоколи за организирање на свадби, прослави и веселби ги доведува угостителите и организаторите на своите прослави во ситуација на постоење протоколи и понатаму да не можат да организираат свадби, прослави и веселби“, се вели во соопштението од НУК.

НУК: Ковид-дозволата за свадби и веселби ќе направи хаос

Тие додаваат дека дополнителен проблем со новите протоколи за организирање на свадби, прослави и веселби е и точката 7 со која угостителскиот објект во кој има прослава е должен да ја регистрира и пријави прославата во угостителска комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.