ССМ бара во закон да се вметне породилно отстуство од 12 месеци

Дарко Димовски, Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија

Договорите за работа на определено време да не траат подолго од една година, породилното отсуство да трае најмалку 12 месеци, Ковид-19 да се третира како професионално заболување и да се иплаќа цела плата, како и укинување на членот од законот кој овозможува работодавачот да ангажира работник да работи прекувремено три месеци, а за тоа да не му плати. Ова се барањата на Сојузот на синдикати на Македонија кои очекуваат да бидат вметнати во новиот закон за работни односи.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, на прес-конференцијата по состанокот со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, изјави дека на средбата разговарале за спорните прашања за кои со работодавачите не успеале да постигнат договор, но оти имаат оддршка од МТСП.

„Бараме договорите за работа на определено време да не траат подолго од една година бидејќи по овој основ за време на ковид-пандемијата изгубивме речиси 70 отсто од работните места, а со тоа оставивме голем број работници без основна егзистенција. По истекот на една година бараме Агенцијата за вработување по автоматизам да го трансформира односот од неопределено во определено време“ изјави Димовски.

Тој вели дека ќе настојуваат Ковид-19 да се третира како професионална болест, па и во приватните фирми тие што ќе одат во изолација или самоизолација да добиваат 100 отсто од платата, а не 70 како да се на боледување.

Димовски додаде дека со министерката се усголасиле целосно по прашањето за недела неработен ден, додека за тие што ќе го работат да донијат дневница зголемена за 100 проценти од основната или во замена слободен ден. На средбата било договорено и со колективен договор здравствените работници да можат да користат годишен одмор до 36 дена.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска вели дека работните групи составени од претставници на синдикатите, репрезентативни и нерепрезентативни, како и од Организацијата на работодавачи, експерти од академската јавност, меѓународни експерти и Меѓународната организација на трудот, работат на новиот системски Закон за работните односи. Притоа, таа истакна дека ова законско решение е во финална фаза и наскоро ќе биде отворена широка јавна дебата, со цел да се слушне мислењето на пошироката јавност.